ФИФА објави „војна“ на крадењето време: Револуционерни правила за Мундијалот 2026

Во обид да го трансформира фудбалот во подинамичен спектакл со повеќе активна игра, ФИФА и ИФАБ официјално ги одобрија новите протоколи кои ќе стапат на сила на Светското првенство. Овие мерки се директен одговор на сè почестите критики за „умртвување“ на играта, особено во клучните моменти од натпреварите.
Една од највпечатливите промени се однесува на излегувањето на фудбалерите при замена. Отсега, играчот кој се повлекува од игра има точно 10 секунди да го напушти теренот. Доколку го пречекори ова време, неговата замена ќе мора да почека дополнителна една минута покрај аут-линијата пред да влезе во игра. Ова практично го остава тимот со играч помалку во период од 60 секунди, што е сериозен ризик кој треба да ги одврати тренерите од тактичкото трошење време при замените.
ФИФА воведува „одбројување“ и кај изведувањето на аутовите, кои сега ќе мора да се изведат во рок од 5 секунди. Доколку фудбалерот одолговлекува, поседот на топката веднаш му се доделува на противникот.
Дополнително, се менува и протоколот за медицинска помош. Секој играч на кого му е укажана помош на теренот, ќе мора да помине една минута надвор од игра пред да добие дозвола да се врати. Единствен исклучок се ситуациите каде повредата е предизвикана од прекршок за кој противникот добил жолт или црвен картон, со што се спречува оштетување на екипата која е жртва на груба игра.
Технологијата добива уште позначајна улога. ВАР-системот отсега ќе може да интервенира при досудување на втор жолт картон, доколку постои „очигледна и јасна грешка“ на главниот судија. Претходно, оваа привилегија беше резервирана само за директни исклучувања. Исто така, видео-асистентите ќе можат да корегираат погрешно досудени корнер-одлуки или гол-аут ситуации, под услов тоа да се направи брзо и без дополнително забавување на рестартот на натпреварот.