Мицковска: Светското првенство за училишта е можност да инспирираме нови генерации

Скопје за првпат ќе биде домаќин на Светско училишно првенство во ракомет кое ќе се одржи во период од 21 до 29 април во организација на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, а под покровителство на Министерството за спорт. На ова престижно натпреварување ќе учествуваат 23 машки и 16 женски екипи, се очекува да настапат околу 700 ракометарки и ракометари на возраст до 18 години од целиот свет, што пак претставува еден од најголемите училишни спортски настани организирани во Македонија.

Претседателката на Федерацијата на училишен спорт, Елена Мицковска нагласува дека добивањето на организација на еден ваков настан е голема чест, но и одговорност.

„Да се биде домаќин на Светско училишно првенство значи дека Македонија е препознаена како сериозен партнер на меѓународната спортска сцена, особено во ракометот кој е и број еден спорт во Македонија. Верувам дека ова натпреварување ќе биде мотив и за сите млади спортисти да продолжат да работат, а ние сме тука да ги поддржиме и заеднички да градиме успешни спортски приказни. Ова не е само натпреварување, туку можност да инспирираме нови генерации, но и да создадеме нова база на спортисти. Спортот има уникатна моќ – обединува и сплотува. Младите спортисти ќе видат што значи да се биде дел на голема спортска сцена која ќе биде дополнителен мотив за да го засакаат ракометот“, вели Мицковска.

Натпреварите ќе се играа во шест спортски сали во Скопје: СРЦ „Македонско сонце”, СРЦ „Архиепископ Доситеј”, СРЦ „Кочо Рацин”, СРЦ „Крсте Мисирков” и СРЦ „Антон Димитров”, додека финалните натпревари, ќе се одиграат на 28 април во спортската сала „Расадник“.