Арбелоа ги обвини судиите за ремито со Бетис

Реал Мадрид речиси ги загуби шансите за титулата во Ла Лига ремито со Бетис (1-1), а по овој дуел повторно тема беше и судењето.

Тренерот Алваро Арбелоа по натпреварот не го криеше незадоволството и јавно удри по арбитражата. Според него, клучниот момент бил недосудениот фаул врз Ферлан Менди.

„Сосема е очигледно дека имаше прекршок. Во вакви дуели, кога се игра со тело, лесно се губи баланс. Но, за тоа треба вистинско разбирање на фудбалот, нешто што очигледно недостасува кај оние што носат одлуки“, порача Арбелоа.

Тој потсети и на ситуација од првото полувреме, за која смета дека требало да биде досуден пенал, што можело целосно да го смени текот на натпреварот. Дополнително, реагираше и на моментот кога ударот на Браим Дијаз завршил во раката на Рикардо Родригез.

„Тоа беше чиста ситуација за пенал, раката беше отворена и нема простор за дилема. Во завршницата, Менди веќе имаше позиција, доволен беше и минимален контакт. За жал, ова не е првпат вакви одлуки да ни се повторуваат“, додаде стратегот.