Вардар убедливо триумфираше во дуелот против Тиквеш

Лидерот во прволгашката конкуренција, Вардар на најдобар можен начин покажа дека сезонава е најголем фаворит за освојување титулата.

Овој пат, во рамките од 29. коло од домашното првенство, Вардар на домашен терен на Арената Тодор Проески во Скопје, успеа да слави над Тиквеш со 7:0.

Убедливата победа на Вардар беше најавена во третата минута од мечот кога Цветковиќ успеа да реализира за 1:0.

Во 25-тата, Горан Закариќ зголеми на 2:0, а само четири минути подоцна Дарко Велковски веќе донесе убедлива предност за домаќинот.

Од тој момент беше јасно во кој правец ќе оди овој дуел. Георгије Јанкулов во 39. минута зголеми на 4:0.

Црвениот картон на Данаил Тасев, дополнително ја отежна ситуацијата на теренот за гостите од Кавадарци.

Во второто полувреме во 61. Минута Вардар преку Цветковиќ зголемува и на 5:0, за да потоа на сцена стапи капитенот Азер Омерагиќ.

Најпрво во 75. Минута со глава успеа да реализира за 6:0, а во 82. Минута беше досуден пенал за домашните. Капитенот сигурен Омерагиќ реализатор за 7:0 и вистинска катастрофа за гостинскиот тим.

Вардар по 29 кола и натаму е лидер овој пат со 71 поен додека Тиквеш остана на досегашните 40.