Шампионот МЗТ Скопје ги почна подготовките за новата сезона

Шампионот МЗТ Скопје Аеродром го означи почетокот на подготовките за новата сезона, која ќе биде една од најзаситените во историјата на клубот.

„Металците“ ги очекуваат настапи во македонската Суперлига АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.

Амбициите остануваат непроменети, МЗТ Скопје сака да ги освои сите домашни трофеи и да направи што е можно подобар резултат на меѓународната сцена.

До крајот на август екипата ќе работи во Скопје, по што следува заминување во Гевгелија, каде што ќе биде одработен главниот дел од подготовките.

Пред стартот на официјалните натпревари се планирани и неколку контролни средби.

На првата прозивка се појавија Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Андреј Андоноски, Лука Стојановски, Никола Василевски, Петар Бошалески и Бојан Величковски, како и странците Ноа Фарахан, Лесли Ворнер, Димитрије Николиќ и Емир Крајиниќ.

Во првиот тим беше и 15-годишниот Давид Петковски, кој важи за еден од најперспективните играчи од младинската школа.