ФФМ и ВИА ФАРМ со партнерство за медицинска поддршка на репрезентативните тимови

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и аптеки ВИА ФАРМ потпишаа договор за соработка и спонзорство, со кој се обезбедува дополнителна поддршка за медицинската грижа во Националните тимови. ВИА ФАРМ ќе ги снабдува репрезентативните селекции со потребни медицински средства и суплементи, со цел да се обезбедат соодветни услови за медицинска грижа, опоравување и подготовка на фудбалерите.

За нашата федерација, ваквите партнерства претставуваат важен дел од создавањето комплетен систем на поддршка за сите репрезентативни селекции, од најмладите категории до А репрезентацијата.

„Здравјето и медицинската грижа за нашите репрезентативци се еден од важните сегменти во функционирањето на секоја репрезентација. Преку партнерството со ВИА ФАРМ обезбедуваме дополнителна и квалитетна поддршка за сите наши селекции. Веруваме дека соработката ќе биде успешна и долгорочна, а најголема придобивка ќе имаат нашите фудбалери и медицинските тимови кои секојдневно се грижат за нивното здравје и физичката подготвеност“, изјави Леонид Јандреоски, генерален секретар на ФФМ.

ВИА ФАРМ е ланец на аптеки посветена на обезбедување квалитетни и разновидни лекови, суплементи и медицински помагала, со фокус на професионална услуга и грижа за здравјето.

„За ВИА ФАРМ претставува чест и гордост што стануваме партнер на Фудбалската федерација на Македонија и што ќе дадеме свој придонес во поддршката на македонските репрезентации. Свесни сме за одговорноста што ја носи ова партнерство и ќе се потрудиме со квалитетни производи, медицински средства и суплементи да бидеме сигурна поддршка за репрезентативците и медицинските тимови“, изјави Марица Угриновска Баткоска, директорка на ВИА ФАРМ.