На 3 и 4 октомври најавен редовниот годишен семинар за судии и делегати

Судиската организација при Одбојкарската федерација на Македонија започна со подготовките за новата натпреварувачка сезона 2026/2027, а како дел од неа го најави и Редовниот годишен семинар за судии и делегати, кој ќе се одржи викендот 3 и 4 октомври во хотелот „Романтик“ во Велес.

Семинарот, кој традиционално се одржува во пресрет на новата сезона и е од задолжителен карактер за сите активни членови, има за цел унапредување на стручната подготвеност на судиите и делегатите, усогласување со актуелните одбојкарски правила, како и размена на искуства и спроведување на задолжителното тестирање на активните судии и делегати.

Дополнително ќе биде објавена деталната агенда, заедно со имињата на предавачите, како и програмата која е планирано да опфати повеќе стручни предавања на различни теми.

Во пресрет на семинарот Судиската организација, следејќи ја минатогодишната позитивна пракса, а со цел проширување и унапредување на судиските капацитети, вклучување на млади судии и обезбедување континуиран и квалитетен развој на СО на ОФМ, упатува отворен повик до сите заинтересирани лица кои имаат желба и интерес да започнат со судиска кариера.