ШК Алкалоид шампион на Македонија и во машка конкуренција

Со максимален учинок од 18 бода во 9 кола, најдобрите македонски шахисти во ниту еден момент не им дадоа надеж на конкурентите за препуштање на шампионскиот трон и експресно ја освоија својата 28. титула во 34 настапи по осамостојувањето на државата.

Младиот столб на тимот сочинет од ИМ Емил Ристески, ИМ Филип Панчевски, ИМ Тони Лазов и ИМ Дејан Стојановски го понесе товарот во најголем број од мечевите, заедно со велемајсторите Звонко Станојоски, Трајко Недев и Драгољуб Јаќимовиќ. Притоа, беа потпомогнати од засилувањата од Србија на првите две табли – велемајсторите Александар Инѓиќ (европски шампион за 2024) и Велимир Ивиќ. Иако сите заслужуваат пофалба за играта и за резултатите, како најуспешен на крајот се наметна ИМ Тони Лазов со 7,5 бода од 8 меча, следен од ИМ Дејан Стојановски со 6,5 бода од 7 партии и од ИМ Емил Ристески со 5,5 бода од 6 партии.

– Во пресрет на Првенството секогаш се подготвуваме и се мотивираме да играме и да се надигруваме за шампионската титула, но по ваква низа верувам дека е точна мојата констатација дека ШК Алкалоид доминира во екипниот шах во Македонија. Задоволен сум од прикажаното, сите го дадоа максимумот, во ниеден меч не дозволивме да бидеме надиграни. Посебна пофалба оди и до младите шахисти на ШК Мулти Есенс, кои повторно беа во игра за трофеј и кои до последната партија се бореа за третото место – изјави капитенот на екипата на Алкалоид ВМ Драгољуб Јаќимовиќ.

На крајот ШК Мулти Есенс го зазема четвртото место бидејќи, и покрај победата над искусниот тим на ШК Прилеп со 5,5 : 0,5, имаше недостиг од еден бод за да го освои трофејот за третото место. Тие имаа пет победи и една нерешена, а во три случаи беа поразени. Велемајсторите Леон Ливаиќ и Лука Драшковиќ беа предводници, додека, пак, на другите табли настапија Михаил Јорданов, Матео Ефтовски, Стојан Велкоски, Никола Павлески, Кирил Николовски и Дино Табаковски.

ШК Алкалоид повторно со двојна круна на екипните првенства на Македонија, со оглед на тоа дека претходно и женскиот тим на ШК Алкалоид го освои шампионскиот трофеј во својата конкуренција.

Следен настап на ШК Алкалоид ќе биде оној на Европскиот клупски куп, кој оваа година се игра во Црна Гора на средина на октомври.