Лука Стојановски: Победата е единствениот императив за нас

Новиот кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром Лука Стојановски е во составот на Македонија и на стартот од вториот круг од претквалификациите, во кој нашата селекција, во рамките на групата „Ф“, ќе се сретне со Австрија и Кипар.
По одработениот тренинг во „Спорт Арената“ во Виена, Стојановски јасно ги постави очекувањата пред натпреварот.
„Очекувањата се да победиме. На секој натпревар што ќе го играме во наредниот период одиме на победа. Се подготвуваме, гледаме видеа, правиме тактика. Едноставно, имаме добра и комплетна екипа во овој момент. Победата, би го нарекол тоа, е единствениот императив пред нас.“
Стојановски направи и кратка анализа на првиот противник во вториот круг од претквалификациите.
„Би рекол дека пред сè станува збор за шутерска екипа. Физички не се предоминантни, така што би рекол дека негуваат брза кошарка и дека имаат добар шутерски потенцијал“, анализира македонскиот репрезентативен бек.
Дуелот меѓу Австрија и Македонија, кој ќе биде прв за нашиот национален тим во вториот круг од претквалификациите за Евробаскет 2029, е закажан за в недела, со почеток во 16:05 часот, во „Спорт Арената“ во Виена.