Голем успех на Алексовски со 15 години победник на јуниорски турнир

Младиот македонски тенисер Марко Алексовски (15 години) постигна одличен резултат со освојувањето пехарот на турнирот Tennispark Pointer Open 2026 Ј30 Скопје што денеска заврши во Скопје. Алексовски на овој начин влегува во групата на најмлади победници во конкуренција на ИТФ турнир каде се натпреваруваат играчи до 18 години. Тој со 15,5 години успеа да стане најмладиот македонски тенисер со триумф на ИТФ турнир. Ова значи дека Алексовски ја продолжи добрата резултатска низа по успешните настапи на турнири до 18 години во Грција и во Бугарија. Ова е прва титула за 15-годишниот Алексовски во конкуренција на тенисери до 18 години откако претходниот месец беше финалист на турнир во Солун и полуфиналист на турнир во Софија.
Марко Алексовски во финалето на скопскиот турнир го победи Сергеј Артемев со 2-0 во сетови (62 63), а на патот до успехот успеа да извојува вкупно шест победи – три во групата и три во нок аут фазата. Најмногу проблеми имаше на стартот кога со 2-1 во сетови (76(2) 46 10-3 на поени) го победи Британецот Лиан Шејкли, потоа во групата ги победи Матвеј Лиамин со 2-0 (62 61) и Никола Божилов од Бугарија 2-0 (62 64). Во четвртфиналето Алексовски излезе како победник во мечот со Добромир Манолоф од Бугарија (63 40), додека во полуфиналето го победи Алберт Иван од Романија со 2-0 во сетови (63 63).
Одличен настап имаше и Ерион Незири, кој беше полуфиналист во поединечна конкуренција кај момчињата.
Финале во конкуренција на двојки играше Мила Јовановски заедно со Романката Марија Бозу загубија во неизвесен меч од Барбара Бидзила од Чешка и Лиор Ивевц од Израел со 2-1 во сетови (61 46 10-8 на поени), додека кај девојчињата победи Американката Софија Димитријевиќ.