Четири златни и еден сребрен медал за македонските кикбоксери на Светскиот куп во Будимпешта!

Македонската кикбокс репрезентација го заврши настапот на 31-от Светски кикбокс куп во Будимпешта со извонреден успех, освојувајќи четири златни и еден сребрен медал во огромна конкуренција од 2.011 натпреварувачи во 3.012 влеза од дури 47 земји.

Златни медали и највисоко место на победничкиот подиум обезбедија Петре Велков, Андреј Смилевски и Калин Бабоски, кои забележаа сигурни победи во своите финални пресметки. Со златно одличје се закити и Туркер Исмаил во дисциплината кик лајт, кој до врвот стигна со беспрекорен учинок од четири победи во четири борби. Големиот успех на македонскиот тим го надополни Радослав Велески, кој успеа да го освои сребрениот медал. Покрај борците во рингот, Македонија имаше успешно претставување и во официјалниот судиски сегмент преку интернационалната судијка Елена Костадиновска, која ја делеше правдата на турнирот.

Најмладите македонски кикбокс натпреварувачи исто така забележаа одличен настап на Hungarian Open Cup ’26 за деца и помлади кадети во Унгарија, кој се одржува во рамки на Светскиот куп.

Митко Чавков се искачи на највисокото место на подиумот, освојувајќи го златниот медал во категоријата до 42 килограми.

Александар Илиев се закити со сребрен медал, исто така во категоријата до 42 килограми.