Рељиќ се искачи во ТОП 10 на светската ранг-листа

Македонската олимпија Мила Рељиќ е рангирана меѓу најдобрите десет таеквондистки во светот во категоријата до 62 килограми. Рељиќ на септемвриското рангирање има 27,36 поени, со што се искачи во светскиот Топ 10. Клучни за овој успех беа бодовите освоени со бронзениот медал на отвореното Светско првенство Г-4 во август во Таијуан, Кина.
Уште поважен е фактот што македонската репрезентативка направи голем напредок и на олимписката ранг-листа во категоријата до 57 килограми. Таму Рељиќ скокна дури 17 позиции и сега е на 22. место. На олимписката листа се споени категориите до 57 и до 62 килограми.
Овие резултати се особено значајни во борбата за пласман на Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година.