Дејан Јакимовски е нов претседател на Судискиот одбор на ФФМ

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука Дејан Јакимовски да биде избран за претседател на Судискиот одбор на ФФМ, наследувајќи го досегашниот претседател Божиновски. Емил Божиновски поради лични причини се повлекува од функцијата претседател на Судискиот одбор на Фудбалската федерација на Македонија.

Божиновски, сепак, останува дел од судиското тело во рамки на Федерацијата и продолжува да придонесува со своето долгогодишно искуство во развојот и унапредувањето на судењето во македонскиот фудбал.

Јакимовски има долгогодишно домашно и меѓународно искуство како судија, со повеќе од 500 натпревари во Првата и Втората МФЛ и над 110 меѓународни натпревари како ФИФА судија. Во својата досегашна работа беше член на Судискиот одбор, УЕФА контролор, како и ВАР менаџер и проектен лидер при имплементацијата на ВАР технологијата во македонскиот фудбал.

Управниот одбор на ФФМ го разгледа барањето за поддршка и донација за реконструкција и уредување на помошното фудбалско игралиште со вештачка трева „Ќумурно игралиште“ во Битола. Имајќи ја предвид неговата значајна улога во развојот на младинскиот фудбал и потребата од создавање безбедни и квалитетни услови за тренинг, Управниот одбор на ФФМ го прифати барањето и одобри поддршка за реконструкција на игралиштето, вклучително и замена на вештачката трева и санација на подлогата и неопходната инфраструктура.

Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот на Дисциплинската комисија за измена на таксите за жалба до Второстепената комисија за молби и жалби. Со одлуката, таксата за физички лица се зголемува од 100 на 200 евра, додека за правни лица од 200 на 500 евра, во денарска противвредност.