Митевска се повреди и го предаде четвртфиналето на Европското првенство

Македонската тенисерка Сара Митевска го предаде четвртфиналниот меч против Германката Милена Стеинкамп на Европското првенство за тенисерки и тенисери до 16 години што се игра во Парма. Таа во третиот сет при 1-1 во сетови и 3-2 во гемови за противничката го предаде мечот откако заработи повреда за време на тај-брејкот во вториот сет.

Во тај-брејкот на вториот сет Митевска незгодно падна и го повреди коленото. Таа сепак го продолжи мечот, но во два наврати и беше укажувана и медицинска помош, а во вториот при 2:1 во гемови за неа за време на паузата десното колено и беше бандажирано.

Инаку, Митевска го доби првиот сет со 6:4 во гемови, а во вториот сет во кој се водеше голема борба за секој поен имаше постојано водство. Сепак нијанси решаваа и ривалката од Германија успеа да се избори за тај-брејк во кој го изедначи резултатот во сетови, а притоа македонската тенисерка се повреди.

Во секој случај Сара Митевска со пласманот во четвртфиналето и со прикажаните игри покажа дека е иднината на македонскиот женски тенис, а особено беше значајна победата во осминафиналето против Марија Поп од Романија, која е една од најдобрите светски тенисерки на возраст до 18 години и беше прва носителка.