Пораз на Таневски на дебито на У21 селекцијата

Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година загуби со 2-3 од Русија во пријателскиот натпревар кој попладнево се одигра на тренинг-центарот на ФФМ во Скопје. Така, новиот селектор Александар Таневски дебитираше со пораз на клупата на младата селекција.

Натпреварот го одбележаа дури четири гола од белата точка. Главен актер беше судијата Игор Стојчевски, кој досуди дури четири пенали, одлуки кои предизвикаа реакции поради нивната дискутабилност.

Македонија имаше свои шанси, а во неколку наврати и одлични можности за погодок преку Мехмед, Масларов и Манојлов, но гостите први се радуваа. Окишор во првото полувреме погоди од пенал за 0:1, а Бобер во 57. минута одново од белата точка зголеми на 0:2.

Ташовски во 79. минута намали на 1-2, исто така од пенал, но радоста на домашните траеше кратко. Само две минути подоцна Ахмедов ја врати предноста од два гола за Русија, погодувајќи за 1-3.

Конечниот резултат го постави Ташовски со својот втор погодок, повторно од белата точка, за 2-3.

Светла точка во македонскиот состав беше голманот Вргов, кој со неколку добри интервенции спречи поубедлив пораз на нашата селекција.

Македонија сега се насочува кон квалификациските предизвици за Европското првенство. На 1 октомври во Битола ја пречекува Црна Гора, а четири дена подоцна гостува кај Шведска.

За Македонија настапија: Вргов, Радески, Велков, Мурати, Атанасовски, Шаботиќ, Масларов, Хоџа, Манојлов, Џангаровски и Мехмед.

Играа уште: Митрев, Танчев, Димовски, Трпевски, Арифи, Ташев и Ташовски.