Ванда Нара продава дрес на Икарди за само 12 евра

Аргентинската водителка и претприемачка Ванда Нара на својата интернет-продавница понуди дрес на аргентинската репрезентација со бројот 9, кој му припаѓал на нејзиниот поранешен сопруг Мауро Икарди.
Како што објави аргентинскиот портал „Росарио3“, дресот бил ставен на продажба по цена од 20.000 аргентински пезоси што е нешто помалку од 12 евра.
Дресот се наоѓал во делот од продавницата во кој Нара продава предмети од сопствениот гардеробер. Италијанскиот портал „Ареа Наполи“, пак, посочува дека во истата продавница маица со ликот на нејзиниот сегашен партнер, пејачот Л-Ганте, се продава за 180.000 пезоси, односно девет пати поскапо од дресот на Икарди.
Икарди за аргентинската репрезентација одигра осум натпревари во периодот од 2013 до 2018 година, при што постигна еден гол.
Ова е само уште едно поглавје од долгогодишниот јавен конфликт меѓу поранешните сопружници. Аргентинските и италијанските медиуми пишуваат дека нивниот развод неодамна бил и официјално завршен пред судот во Милано.