Мбапе двоен стрелец, Реал го освои „Камп Ноу“

Реал Мадрид славеше со 1-2 на гостувањето кај Барселона во големото „Ел Класико“ и направи важен чекор во борбата за врвот на табелата. „Кралевите“ со триумфот ја намалија разликата во однос на каталонскиот ривал.

Како што се очекуваше, дербито донесе отворен фудбал и шанси на двете страни. Реал во првиот дел беше поконкретен, создаде неколку добри можности, но не успеа веднаш да ги искористи. И Барселона возврати со закани пред голот на Лунин, но мрежите мируваа.

Во моментите кога домаќините почнаа да ја преземаат иницијативата, Реал го зададе првиот удар. Во 41. минута, по нафрлувањето на Диоманде и лошата реакција на одбраната на Барселона, Килијан Мбапе ја искористи укажаната шанса и донесе водство за гостите.

Барселона во второто полувреме заигра подобро и успеа да стигне до израмнување во 61. минута. Педри одлично го проигра Рафиња, кој ја заврши акцијата со погодок за 1-1.

Каталонците потоа ја презедоа иницијативата и почнаа сè посериозно да го загрозуваат голот на Реал, но Лунин со неколку одлични интервенции ги одржуваше „кралевите“ во игра.

Кога се чинеше дека Барселона е поблиску до нов погодок, Реал повторно зададе удар. Во 87. минута Белингам испрати фантастична топка до Камавинга, кој му асистираше на Мбапе, а Французинот со својот втор гол на натпреварот донесе победа за мадридскиот гигант.

На табелата сега Реал е трет со 24 бода, додека Барселона која го доживеа првиот пораз е лидер со 27.