Ракометарите почнуваат нов циклус, Македонија голем фаворит против Луксембург

Машката ракометна репрезентација на Македонија вечерва ги започнува квалификациите за пласман на Европското првенство во 2028 година, кое ќе се одржи во Швајцарија, Шпанија и Португалија. Прв предизвик за избраниците на Кирил Лазаров ќе биде селекцијата на Луксембург, против која Македонија ја има улогата на голем фаворит.

Традицијата е целосно на страната на македонската репрезентација. Двете селекции досега одиграле шест меѓусебни натпревари во квалификациите за европските шампионати, а Македонија има максимален ефект од шест победи. Особено убедливи биле настапите на домашен терен, каде што сите три триумфи биле остварени со двоцифрена разлика.

Последната пресметка во Скопје, одиграна во октомври 2022 година, заврши со убедливи 38:24 за Македонија, додека во последниот меѓусебен дуел, во април 2023 година во Луксембург, нашите ракометари славеа со 28:23.

Гостите во Скопје доаѓаат со нов селектор, искусниот Дидие Динар, но тоа не ја менува фаворитската улога на македонската селекција, која со победа сака да го отвори новиот квалификациски циклус.

Селекторот Кирил Лазаров го избра составот за вечерашниот дуел. Од првично повиканите 18 ракометари, надвор од комбинација останаа Васил Гогов и Филип Николов, додека шанса за деби настап ќе добие Дмитро Хориха.

Состав на Македонија: Томовски, Галевски, Костески, Петковски, Атанасијевиќ, Ристевски, Аларов, Лазаревски, Стојковиќ, Горига, Кузмановски, Митев Д., Митев М., Ѓорѓиев, Серафимов и Велковски.

Натпреварот Македонија – Луксембург ќе се одигра вечерва во спортскиот центар „Борис Трајковски“, со почеток во 19:00 часот. Победнички старт и потврда на традицијата е целта на македонските ракометари пред домашната публика.