Венсан Компани се врати во базата на Баерн Минхен

Тренерот на баварскиот гигант Баерн Минхен Венсан Компани, утрово се врати во клупската база на „Зебенер Штрасе“ по неколкунеделната пауза предизвикана од здравствени проблеми.

Белгискиот стратег пристигнал на своето работно место нешто по 10 часот.

На клупската база Компани бил пречекан од својот помошник Флорибер Нгалула, а потоа имал и подолг разговор со спортскиот директор Кристоф Фројнд. Од прозорецот на својата канцеларија го следел тренингот на повредените фудбалери, меѓу кои се Луис Дијаз и Џамал Мусијала.

Да потсетиме, на 23 октомври белгискиот стручњак колабираше покрај теренот за време на тренингот на вториот тим на Баерн и итно беше пренесен во болница.

При падот го изместил и рамото, а по деталните медицински прегледи му била дијагностицирана иритација на мозочните обвивки, по претходна инфекција и силни главоболки.

Во негово отсуство, тимот успешно го предводеа помошниците Арон Данкc и Рене Марич.