Перфектниот Еурофарм Пелистер го декласира Вибжеже Гдањск!

Еурофарм Пелистер се врати на победничките патеки по болниот пораз од Алкалоид во домашниот шампионат, откако вечерва во Битола го совлада Гдањск со убедливи 34-27 во Европската лига на ЕХФ.

„Зелено-белите“ одиграа одличен натпревар, имаа контрола од самиот почеток и заслужено стигнаа до важни два бода во борбата за пласман во следната фаза. Пелистер на полувреме имаше шест гола предност (20-14), а во вториот дел ја достигна и највисоката разлика од осум погодоци (29-21).

Гостите се обидоа да се вратат во игра со серија од четири гола, но битолчани брзо реагираа, ја стабилизираа играта и со тактичка промена во нападот на „7 на 6“ повторно ја вратија убедливата предност.

Кузмановски беше најдобар стрелец кај Еурофарм Пелистер со осум гола, Петар Атанасијевиќ постигна пет, додека Видомски, Пешевски и Хагбарт завршија со по четири погодоци.

Со оваа победа, Еурофарм Пелистер останува во игра за првите две позиции во групата Г и пласман во следната фаза од Европската лига.