Пешевски: Кој победувал во овој дрес знае колку тој тежи!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер запишаа сигурна и заслужена победа против полскиот прволигаш Вибжеже Гдањск со резултат 34-27 (20-14) во натпреварот одигран во салата „Боро Чурлевски“.

Битолчани од самиот старт го наметнаа својот ритам, одиграа цврсто и дисциплинирано во дефанзивата, а преку ефикасен напад и брза транзиција постепено ја градеа резултатската предност. Полскиот состав се обиде да фати резултатски приклучок, но избраниците на Червар ја контролираа играта и рутински го приведоа мечот кон крај за конечни седум гола разлика.

Еве ги импресиите по натпреварот на протагонистите:

Лино Червар
(тренер на Еурофарм Пелистер)

Голема благодарност за публиката и нашата цела екипа. Нема да издвојувам поединци, тука победи тимот. Големиот тим Пелистер. Само еден тим, само еден град, тоа е нашиот начин. Публиката препозна дека наместо да нè дочека со свирежи, ни даде аплауз. Ја користам приликата да ги повикам да дојдат во сабота кога играме со ГРК Охрид, да ни дадат уште поголема поддршка. Секој еден човек во публиката, не прави поголеми фаворити. Одбраната победи во овој меч, сите бевме одлични. Се движевме добро, бевме агресивни, а кога има таква агресивност во одбраната, доаѓа доминацијата. Ова беше прв пораз за Гдањск и тоа значи дека заслужено победивме. Бевме подобри. Сега одиме понатаму. Зависиме сами од себе во Европа, ќе се обидеме да си ја завршиме задачата. Секогаш мора да се оди на победа и мислам дека сме на добар пат. Создаваме еден Пелистер со посебен знак, ако вака се игра тоа е убаво да се види и тоа е иднина. Предизвиците ни следат, прво меч во Суперлигата, потоа патуваме за Шпанија, па мора да собереме сила, да ја охрабриме екипата за понатаму. Човекот е толку голем колку што е подготвен да се жртвува за својата цел.

Жарко Пешевски
(ракометар на Еурофарм Пелистер)

Честитки за отпорот што ривалот го даде, максимално го сфативме сериозно овој противник. По поразот од Алкалоид моравме да се консолидираме, знаевме дека против нас имаме физички спремна екипа која трча, се враќаа од разлика и со нас и со Ла Риоха, па максимално одговоривме на секој предизвик. Видовме добро издание, сега ни преостанува да се средиме, имаме многу важен меч во сабота, а потоа финалниот за нас во Европската лига во Логроњо. Овој дрес на Пелистер тежи, секој што има освоено дали титула или Куп-трофеј знае што носи овој дрес. Два промашени напади се бројат тродупло како грешки. Ни следи интересна сезона, ни треба максимална поддршка и се надевам дека ќе ги израдуваме навивачите.

Со 34 постигнати гола, битолскиот состав покажа одлична разновидност во офанзивата, лесно наоѓајќи решенија за противничката одбрана. Клучната разлика беше направена во првото полувреме, по што македонскиот тим умешно ја одржуваше високата позитива и не му дозволи на противникот да се надева на пресврт во финишот.