Војдан Стојановски: 100 пати Македонија – една голема љубов!

Македонската кошаркарска репрезентација денеска (18:00 часот) во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје го пречекува Кипар, во натпревар од втората фаза на претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Овој дуел ќе има и посебна, историска димензија. Капитенот на македонската репрезентација, Војдан Стојановски, ќе го запише својот јубилеен 100. настап во дресот со националниот грб.
Приказната на Војдан во сениорскиот национален тим започна во 2008 година, кога го доби првиот повик од тогашниот селектор Јовица Арсиќ.
Стотката е бројка што зборува за години посветеност, пожртвуваност и љубов кон репрезентативниот дрес, но за капитенот најважно е чувството што секогаш го носи настапот за Македонија.
„Дресот на Македонија за мене отсекогаш бил светост. Чувството да се игра за својата земја е посебно и секогаш е исто, без разлика дали настапуваме на Европско првенство или играме квалификации и претквалификации.
Горд сум што имам можност толку години да ја претставувам Македонија и што стигнав до бројката од 100 натпревари. Тоа е голема чест за мене, но и мотив да продолжам да го давам максимумот. За репрезентацијата секогаш ќе бидам тука, додека ѝ треба мојата помош“, ни изјави капитенот Војдан Стојановски.
Јубилејот ќе биде уште поубав доколку биде крунисан со нова победа на Македонија. Капитенот очекува максимален пристап и поддршка од трибините, свесен дека Кипар заслужува сериозен респект.
„Нашата цел е победа. Играме на домашен терен, очекуваме поддршка од трибините. Противникот не треба да се потцени во ниту еден случај. Мора да излеземе, да го дадеме максимумот и да ја продолжиме победничката серија“, додаде Стојановски.
За Војдан, 100 натпревари се многу повеќе од јубилеј. Тие се 100 пати во чест на Македонија. А денеска, заедно со соиграчите, посакува уште една победа во црвено-жолтиот дрес – на патот кон квалификациите за Евробаскетот 2029.