Се поместува терминот за одигрување на Австралија Опен?!
Извршниот директор на Австралија Опен, Крег Тили ја отфрли можноста да се помести одигрувањето на првиот гренд слем од сезоната поради големиот број на тенисери кои се наоѓаат во карантин. Тили ја остави можноста за Владата на државата Викторија да донесе некои посебни мерки за изолација, доколку се стекнат услови. „Ниту еден играч додека е во изолација нема да може да го напушта хотелот. Сега ја разгледуваме ситуацијата од недела во недела, па во консултации со Владата ќе донесеме одлуки. Што се однесува до одлагањето или промените на распоредот, тоа воопшто не е во план и распоредот останува како што и претходно беше најавен. Единствена можност е да играчите кои се во карантин добијат поголем простор во хотелот каде ќе можат да тренираат.“ – изјави Тили. Бранител на титулата во машка конкуренција е Новак Ѓоковиќ, кој во минатогодишното финале го совлада Доминик Тим. Турнирот треба да стартува за нешто помалку од три недели.