Фановите се враќаат: Македонија – Словенија пред 10.000 гледачи

Владата официјално потврди дека пријателскиот натпревар на први јуни Македонија – Словенија ќе се игра пред публика.

„Во знак на поддршка на Македонската фудбалска репрезентација, која за прв пат се пласираше на Европското првенство и која на 1 јуни ќе одржи подготвителен пријателски натпревар, членовите на Владата, на седницата донесоа Одлука за исклучок од постоечката забрана за одржување на спортски натпревари, односно подготвителниот натпревар кој треба да се одржи на 1 јуни на Градскиот стадион во Скопје да се одигра во присуство на 30 проценти исполнетост со публика од капацитетот на трибините. За дополнителни олеснувања за другите натпревари ќе се разговара на следната седница на Влада“, објавија вечерва од Владата.

Тие 30% значат околу 10.000 фанови на трибините.

Ќе потсетиме, дуелот со Словенија е еден од двата кои македонската репрезентација ќе ги одигра пред ЕП во Скопје. Вториот се игра против Казахастан три дена подоцна.