Ловрен го пропушта Европското првенство
Еден од главните играчи на хрватската репрезентација – дефанзивецот Дејан Ловрен, скоро сигурно ќе го пропушти Европското првенство ова лето, објавија медиумите во Хрватска.
Искусниот централен дефанзивец на Зенит заработи повреда на тетивата за време на еден од последните тренинзи на „коцкестите“ и според првичните прогнози ќе му требаат од 3 до 6 недели за да се опорави.
Ловрен има 64 натпревари и 4 гола за репрезентацијата на Хрватска, која освои сребрен медал на СП 2018 во Русија.
Хрватите ќе играат две контроли пред почетокот на Евро 2020 – против Ерменија на 1 јуни и против Белгија на 6 јуни. Хрватска го започнува учеството на шампионатот на Европа со натпревар против Англија на 13 јуни, а другите две селекции во групата Д се Шкотска и Чешка.