Копа Америка остана без домаќин!

Јужноамериканската фудбалска федерација (КОНМЕБОЛ) го откажа домаќинството на Аргентина на само 13 дена пред почетокот на Копа Америка, натпреварувањето кое требаше да се одржи во таа земја.

Планот беше едно од најсилните првенства на светот да се игра во Колумбија и Аргентина од 13. јуни до 11. јули, но пред десетина дена домаќинството беше предадено само на Аргентина поради нередите во Колумбија со протестите против претседателот Иван Дуке.

Денеска пристигна информација дека ниту Аргентина, поради проблеми со коронавирусот, не може да биде домаќин, иако репрезентациите веќе наголемо се подготвуваат за натпреварувањето, како и за натпреварите од квалификациите за СП.

Копа Америка требаше да се одржи минатата година, но беше одложена поради коронавирусот. Сега, се уште не е познато што ќе се случи, со оглед на тоа дека КОНМЕБОЛ бара нов домаќин.