У-21: Контролен натпревар против Словенија
Младата репрезентација на Македонија предводена од селекторот Благоја Милевски ги одработи последните подготовките за претстојниот контролен дуел со селекцијата на Словенија. Натпреварот ќе биде одигран денеска во словенечки Терме Чатеж.
Нашите фудбалери против Словенија ќе ја имаат последната тест подготовка за претстојните квалификации за пласман на Европско првенство во Романија и Грузија кои ќе почнат во септември оваа година.
Фудбалерот од средниот ред на Македонија и член на екипата Злате Моравче, Томче Гроздановски вели дека Словенија е квалитетна репрезентација.
„Секогаш е посебно чувството кога играш за својата земја. Ми претставува огромно задоволство што сум дел од овој тим предводен од селекторот Благоја Милевски. Имаме одлична група на млади фудбалери што знаат колку вреди да се носи дресот со државен грб. Ги слушаме советите од селекторот, подготвени сме да дадеме се од себе за да ги исполниме неговите желби. Не очекува тежок натпревар, против репрезентација која има квалитет и располага со доста добри млади играчи. Ова за нас претставува последен тест пред претстојните квалификации, вели Томче Гроздановски.
Напаѓачот на Македонија Ѓ.П. Арби Воша верува во квалитетот на нашата репрезентација и очекува победа.
„ Се подготвуваме одлично за претсојниот предизвик во Словенија. Функционираме како една група, подготвени сме да дадеме се од себе на секој натпревар што го играме, а така ќе биде и на овој. Ги знаеме квалитетите на Словенија, земја која треба да се респектира, но ние одиме на победа. Очекувам добар натпревар, и се надевам дека ќе се покажеме во одлично светло.”, вели Арби Воша.
Нашата млада селекција првиот натпревар од квалификациите за пласман на Европско првенство во Романија и Грузија го игра против Франција на 2 септември.