Бејл ја завршува кариерата по Европското првенство?!
Шпанска „Марка“ тврди дека Герет Бејл ќе ја заврши кариерата по Европското првенство.
Велшкиот репрезентативец беше на позајмица во Тотенхем, но веројатно го чека враќањето во Реал Мадрид, каде пристигна Карло Анчелоти. Бејл и Анчелоти имаа добра соработка во првиот мандат на Италијанецот во Реал, но „Марка“ тврди дека ниту тоа нема да го премисли Бејл.
Се пишува дека Бејл во фудбалот е единствено среќен кога игра за репрезентацијата на Велс. Тешко пронаоѓаше мотивација за фудбал и кога беше во Тотенхем минатата сезона, иако одигра неколку одлични натпревари. Бејл планира да го одигра Европското и потоа сака да стави крај на фудбалската кариера и да се посвети на голфот.
Истиот извор додава дека Бејл веќе одлучи, па проблем нема да му претставува ниту тоа што има уште една година од договорот со Реал Мадрид. Договорот би требало да се раскине на обострано задоволство, со што Реал ќе заштеди околу 20 милиони евра.