Холанѓанецот Кујперс ќе го суди финалето на Европското првенство

Бјорн Кујперс ќе биде главниот судија на финалето од Европското првенство помеѓу Англија и Италија. Нему ќе му помагаат Сандер ван Роекел и Ервин Заинстра, а четврти судија ќе биде Карлос Дел Серо Гранде од Шпанија.

Така, на вториот последователен натпревар на Англија, судијата ќе биде од Холандија. Во полуфиналето против Данска судија беше Дани Меккели, кој досуди контроверзен пенал за домаќините, кој го реализираше Хари Кејн, а Англија се пласираше во финалето по продолженијата со победа од 2-1.

Кујперс досега судеше на три натпревари на ЕП 2020: Белгија – Данска (2-1) и Шпанија – Словачка (5-0) во групната фаза и четвртфиналето Данска – Чешка (2-1). Надвор од својата работа како фудбалски судија, 48-годишниот Кујперс е сопственик на супермаркет.

Во 2013 година тој го водеше финалето во Лигата на Европа помеѓу Бенфика и Челзи, а во 2014 година беше главен судија на финалето во Лигата на шампионите помеѓу Реал Мадрид и Атлетико Мадрид.