Барса не може да ги регистрира новајлиите за првиот натпревар од сезоната
Минатата недела, Каталонците на големо изненадување соопштија дека Лео Меси нема да продолжи и покрај тоа што се беше подготвено за Аргентинецот да стави потпис на нов договор.
Барселона прстот го впери во Ла Лига и правилата за финансиски фер-плеј, односно селари-капот кој мора да го почитува секој клуб. Жоан Лапорта на прес конференцијата се правдаше дека со новиот договор на Лео Меси, буџетот за плати ќе биде 110% од приходите.
По ваквиот развој на настаните, Лео Меси за брзо време пронајде заеднички јазик со ПСЖ и потпиша со „светците“.
Но и без Аргентинецот во тимот, Барселона не може да ги регистрира засилувањата. Викендов почнува новата сезона во Ла Лига, и „каталонците“ се една од шестте екипи кои не ги регистрирале новите играчи.
Барса никако не успева да се раздели со фудбалери како Умтити, Пјаниќ или Кутињо, па буџетот за плати останува над лимитот пропишан од Ла Лига. Клубот од Камп Ноу мора да најде начин како да се ослободи од фудбалерите на кои не смета, или да се обиде да преговара со фудбалерите со високи примања, тие да прифатат помала плата.
Доколку во следните 48 часа нема напредок на ова поле, Роналд Куман нема да може да смета на Депај, Емерсон и Ерик Гарсија за дуелот со Реал Сосиедад (Агуеро е повреден па и онака е надвор од комбинација).
На располагање ќе биде само Јусуф Демир, бидејќи тој се води како фудбалер на Барса Б.