Елитниот клупски фудбал се враќа, почнуваат Премиерлигата, Ла Лига и Бундеслигата

Новата Бундеслига со „вртелешка“ на тренерите и само еден македонски фудбалер

Новата Бундеслига се најавува како никогаш понеизвесна. Главна карактеристика се тренерските смени и големиот број рокади, од кои директно зависи и нивото и квалитетот на екипите. Баерн ја брани титулата, но јавноста е убедена дека нивото со другите екипи е намалена. Јулијан Нагелсман ќе има тешка задача, посебно по скромниот преоден рок и заминувањето на Давид Алаба. Сепак, со победници и искусни играчи како Левандовски, Милер, Коман фаворитската улога пак е во Минхен.

Ако Баерн го загуби Алаба, тогаш Борусија Дортмунд остана без Санчо. Англичанецот беше продаден во Манчестер Јунајтед, а за двојно помала сума од Холандија дојде неговата замена Мален. Најголеми се очекувањата од новиот тренер Розе и од развојот на младите фудбалери. Халанд, Реина, Балинген…

РБ Лајпциг ќе го води Американацот Марш, кој дојде од РЦ Салцбург и со себе го поведе Унгарецот Собослај. Марк ван Бомел го презеде Волфзбург и ќе го води во Лигата на шампионите. Младинскиот репрезентативец Нмеча е најголемо засилување на „волците“. Ајнтрахт се раздели со Ади Хутер, кој ја презеде Борусија Менхенгладбах, а на негово место дојде Гизлер од Волфзбург.

Една од најзасилените екипи е Херта, кој го врати Кевин Принс Боатенг и му даде договор на Црногорецот Јоветиќ. Единствен Македонец во Бундеслигата и оваа сезона е Дарко Чурлинов, од кого се очекуваат големи работи во Штутугарт.

Финансиски пад на гигантите во Ла Лига, лигата го загуби Меси и сите глобални ѕвезди

Огромен пад и недостаток на ѕвезди и финансиски проблеми за двата гиганти, Реал и Барса, се главна карактеристика на шпанското фудбалско лето. Барса едвај спаси жива глава за да ги регистрира засилувањата, а мораше да се откаже од Лео Меси и неговата енормна плата, за да ги усогласи платите со финансискиот фер-плеј. Каталонците го потврдија Куман, ги донесоа Депај, Агуеро и Гарсија, а го вратија Емерсон Ројал од Бетис. Сепак, нивото е далеку од претходните и не им се даваат многу шанси за трофеи на Гризман, Кутињо, Ансу Фати… Реал целосно го насочи својот пазар во доведување на Мбапе, па не доведе многу новајлии. Алаба е единствена новина, а враќањата на позајмените Себаљос, Одегард, Бејл кај Анчелоти имаат третман на засилувања. Сепак, без Рамос и Варан, Реал не е истиот тим од минатата деценија. 

Првакот Атлетико Мадрид го доведе Де Пол и го врати Дембеле назад во Лион. Неизвесна е иднината на Саул, кој сака да си оди, но независно од неговата одлука, Симеоне нема да менува премногу во својот ростер сезонава.

Супер-инвестиции во Англија, клубовите од Манчестер најголеми фаворити


Најсилната лига во светот сезонава ќе биде уште посилна. Премиер лигата даде две финалиња на Лигата на шампионите во последните три сезони и четири различни екипи играа за двете титули. Сити ќе ја брани титулата, а тоа ќе го стори посилен за Грилиш, а можеби за Кејн. Супер-засилени се и соседите, бидејќи на „Олд Трафорд“ дојдоа Варан и Санчо, а не замина ниту еден клучен фудбалер.

Враќањето на Лукаку во европскиот првак е голем чекор напред во тимот на Тухел во битката за сите трофеи сезонава. Кога ќе се додаде идејата за ново име во одбраната (желба е Кунде), извесно е дека „сините“ ќе бидат на хартија посилни од минатата сезона. Дефанзивецот Конате е единствена новина кај Ливерпул на Клоп, а новите менаџери на Евертон и Тотенхем, Бенитез и Нуно, уште се мирни во изборот на фудбалери. „Карамелите“ ќе го продадат Хамес, но веројатно ќе го задржат Ричарлисон. Тотенхем потпиша со Голини, го доведе Ромеро и чека расплет во случајот Кејн. Арсенал го донесе Бен Вајт, го продолжи договорот со Џака, а чека расплет и со Одегард. Лестер го донесе Дака, Лидс се засили со Жуниор Фирпо, а купуваа и помалите клубови. За првпат во Премиер лигата ќе игра Брентфорд, кој во вториот плеј-оф се избори за влез во елитата.