Саутгејт на удар на англиската јавност поради потег незапаметен во последните 25 години
Англија во квалификациите за Светското првенство одигра 1:1 против Полска, а англискиот селектор Герет Саутгејт се најде на удар на јавноста бидејќи не направи ниту една замена.
Тоа е потег каков англиската репрезентација не памети 25 години, уште од полуфиналето на Европското првенство против Германија. Оваа одлука на Саутгејт посебно изненадува ако се знае дека правилата се променети и сега селекторите имаат можност да направат по пет замени.
„Знаев дека мојата одлука ќе се доведе во прашање, но постои јасна причина зошто ја донесов таа одлука. Бевме доминантни, ја контролиравме играта и мислев дека измените само ќе го нарушеа тој ритам.“ – вели Саутгејт, чија репрезентација го прими погодокот во судиското надополнување.
Англискиот селектор откри дека сакаше да направи замени, но се премисли по водечкиот погодок на Кејн во 72. минута.
„Зошто да се менува нешто кога добро ни оди?“ – се запраша по натпреварот.