Поради загинати работници – Шведска ја откажува турнејата во Катар

Фудбалската репрезентација на Шведска ја откажа зимската турнеја во Катар поради условите за работа на печалбарите во објекти поврзани со Светското првенство.

По разговорите со претставниците на клубовите, „јасно е дека постои консензус против организирање на оваа турнеја во Катар“, рече генералниот секретар на Федерацијата Хакан Сјостранд во изјавата.

„Ќе видиме дали ќе најдеме алтернатива. Она што е сигурно е дека нема да патуваме во Катар во јануари”, додаде тој.

Меѓународните невладини организации постојано го осудуваат Катар за условите во кои работат неколку стотици илјади  мигранти.

Според најновиот извештај на Амнести интернешенел, катарските власти не успеале да ја истражат смртта на неколку илјади работници, што е поврзано со изградба на објекти за Светското првенство во таа земја.