Потенцијален трансфер на Деклан Рајс би изнесувал над 120 милиони фунти
Челниците на Вест Хем се изјаснија дека нема лесно да се разделат со својот најдобар играч Деклан Рајс. Тренерот на екипата Дејвид Мојс претходно објави дека играчот од средниот ред чини 100 милиони фунти.
Сега англискиот весник „Тајмс“ излезе со нови информации дека неговата цена пораснала на повеќе од 120 милиони фунти. Весникот додава дека 23-годишниот Рајс ги одложил преговорите за нов договор со Вест Хем, бидејќи англискиот репрезентативец сака да ги разгледа сите опции кои ќе му бидат понудени ова лето. Како најзаинтересиран клуб за доведување на Деклан Рајс се споменува Манчестер Јунајтед.
Доколку навистина се случи трансфер за наведената сума, тогаш Рајс би станал најскапото засилување во Премиер лигата на сите времиња, надминувајќи ја сумата која беше платена од Манчестер Сити за ангажман на Џек Грилиш.
Актуелниот договор на британскиот репрезентативец истекува во летото 2024 година, но клубот од Лондон има опција за продолжување на уште 12 месеци.