Замер импресиониран од понудата на Сити за Халанд
Матијас Замер е фудбалска легенда на Борусија Дортмунд, а во моментов ја извршува функцијата на советник во клубот, па поради ваквата функција, привлече огромно внимание неговата последната изјава која ја даде за ѕвездата која сите очекуваат да си замине од „Сигнал Идуна Парк“.
Ерлинг Халанд ова лето може да си замине за сума од 75 милиони евра и тоа не треба да претставува проблем за најголемите европски гиганти, кои пак сега се борат да му понудат што е можно подобри услови на Норвежанецот кога се финансиите во прашање, но и времетраењето на договорот.
Медиумите во Англија откриваат дека Манчестер Сити е подготвен да му понуди неделна плата која надминува 500 илјади фунти, вест која во еден дел ја потврди и Матијас Замер кој вели дека паднал во несвест кога видел колку пари нудат „граѓаните“ за младиот напаѓач.
„Знам дека Манчестер Сити го сака Халанд. Кога видов за каква сума станува збор, каква сума му понудиле, се онесвестив. Сопругата мораше да ме подигне од подот. Ако се суди според сумата, може да дојде до реализација на таа зделка, не знам да бројам до толку добро, искрено, сакам да видам соработка меѓу Халанд и Гвардиола. Двајцата ќе имаат бенефит еден од друг, можам да замислам како ќе изгледа овој тим на Манчестер Сити со таков центарфор. Тоа би била интересна комбинација“, изјавил Матијас Замер.