Џорџ Клуни е заинтересиран за купување на Дерби Каунти

Холивудската ѕвезда Џорџ Клуни е заинтересиран да го купи англискиот клуб Дерби Каунти. Тимот кој настапува во Чемпионшип е во големи проблеми од самиот старт на првенството кога поради финансиски проблеми им беа одземени 21 бода.

Сепак, екипата предводена од тренерот Вејн Руни е на осум бода од зоната за спас, а до крајот на сезоната остануваат уште седум кола. 

Клуни пред неколку години започна преговори за купување на шпанскиот клуб Малага, но тогаш договорот пропадна.

„Дерби е голем фудбалски клуб кој има фантастична историја и сигурен сум дека ќе има голема иднина. Знам дека во последно време има проблеми, но во овие околности е очигледно дека и играчите на теренот и навивачите ја играат одлично својата улога. Мојот интерес за фудбалот секако порасна во последните години. Пред некое време ме прашаа дали сакам да се приклучам на група која сака да ја купи Малага. Тоа беше возбудлива перспектива, но на крајот пропадна. Можеби поседувањето фудбалски клуб е возбудлива работа и не ја отфрлам можноста да бидам дел од некој клуб во иднина“, изјави Клуни.