Габриел Жесус нова трансфер желба на Јуве

Јувентус го обнови интересот за напаѓачот на Манчестер Сити, Габриел Жесус. Клубот ќе мора да го засили нападот на лето и вниманието го насочи кон 24-годишниот Бразилец, за кој се шпекулира дека ќе биде замена на Пауло Дибала, пишува „Газета дело спорт“.

Жесус долго време е во бележникот на Јувентус и не е првпат тој да се поврзува со нивен интерес, но досега Италијанците немаат дадено официјална понуда за неговите права. Сепак, се чини дека тоа може да се промени на лето, кога Пауло Дибала ќе го напушти Торино со слободен трансфер и клубот итно треба да му најде квалитетна замена. Манчестер Сити е подготвен да се раздели со Жесус само со добра понуда. Пеп Гвардиола веќе е во потрага по нов напаѓач и се чини дека нема намера да се потпре на Жесус во улога на главен голгетер. На „Етихад“ се насочија кон Ерлинг Халанд, за да можат да му направат простор на Норвежанецот со продажба на бразилскиот репрезентативец.

Габриел Жесус ја игра својата шеста сезона во Манчестер Сити откако беше купен од Палмеирас во 2016 година. Досега за Граѓаните има одиграно 224 натпревари и постигнато 88 голови. За Бразил има 54 натпревари и 18 голови.