Баџо: Срамота е Италија како европски првак да не игра на Мундијалот
Репрезентацијата на Италија како европски првак мораше да избори директен пласман на Светското првенство во Катар, изјави легендарниот фудбалер на „азурите“, Роберто Баџо, цитиран од италијанскиот спортски весник „Газета дело спорт“.
Италија стана континентален шампион минатата година, откако во финалето во Лондон ја совлада Англија (3:2, 1:1) по подоброто изведување пенали.
„Азурите“ го зазедоа второто место во групата зад Швајцарија во квалификациите за Светското првенство во Катар. Италија потоа загуби во плеј-офот од Северна Македонија и остана без пласман на Светското првенство.
„Срамота е што Италија како европски првак автоматски не избори пласман на Мундијалот. Секој може да загуби кога има лош ден, но овие фудбалери заслужуваат награда за сработеното. Да бев дел од тимот, тешко ќе го прифатев тоа“, изјави Баџо.