Шахтјор најави тужба за ФИФА

Украински Шахтјор одлучи да ја тужи ФИФА затоа што дозволил раскинување на договорите со украинските клубови кога тоа ќе го побараат странски играчи поради војната во земјата. Украинците бараат ФИФА финансиски да им ја надомести штетата со оваа одлука. Украинските медиуми пренесуваат дека Шахтјор проценил дека загубил околу 50 милиони евра и дека се надева дека ќе се договори со ФИФА.

„Многумина велат дека навиваат за Украина, но не. На пример, ФИФА не го штити украинскиот фудбал и неговите играчи како УЕФА. Бараме некаков вид на компромис во оваа тешка ситуација бидејќи во спротивно ќе изгубиме многу играчи за слободен, во кој инвестиравме“, изјави Дарио Срна, спортскиот директор на Шахтјор.

„Ние сме најдобриот клуб во источна Европа и ќе се бориме за угледот и почитта што ги заслужуваме. Другите ни помогнаа. Претседателот на УЕФА, Чеферин ни помогна да преживееме, но ФИФА не го прави тоа и ако не го направи, ќе одиме на суд. Ќе му покажеме на целиот свет дека сме живи и дека на терен се бориме за Украина“.