Мелбурн Виктори е новиот клуб на ветеранот Нани
Австралискиот клуб Мелбурн Виктори на официјалната веб-страница објави потпис на договор со португалскиот напаѓач Луис Нани, кој беше со статус на слободен играч. Договорот со 35-годишниот фудбалер е за една сезона.
„Среќен сум што дојдов во Мелбурн Виктори и со нетрпение ги очекувам предизвиците што претстојат. Зборував со главниот тренер и знам дека Мелбурн Виктори е клуб кој сака да успее. Сакам да ја одиграм мојата улога во остварувањето на овие цели како тим. Според она што го видов, навивачите во Мелбурн не само што се најдобри во лигата, туку атмосферата им е како на навивачите во Европа. Со нетрпение го очекувам моментот кога ќе бидам дел од сето ова на теренот и ќе играм за нашите навивачи оваа сезона“, изјави Нани.
Последниот клуб на Нани беше Венеција, која ја напушти како слободен играч на крајот од сезоната 2021/22. Португалецот играше и за голем број клубови во Европа, меѓу кои Манчестер Јунајтед, Валенсија и Лацио.