Koнте ја изготви трансфер листата, Тотенхем ќе продава до крајот на летото
Тотенхем од почетокот на летото е доста активен на трансфер пазарот. Досега Спарс главно се фокусираа на засилување на својот тим, доведувајќи ги Ричарлисон, Ив Бисума, Иван Перишиќ, Клемент Ленглет, Фрејзер Форстер и Џед Спенс. Сега клубот почнува посериозна работа на излезните трансфери, со цел во наредните денови да се раздели барем со неколку свои актуелни играчи, кои не се дел од плановите на Антонио Конте, пишува „Стандард“.
Најпрво се работи на продажбата на Џафет Танганга, Брајан Хил и Џовани Ло Селсо. Во моментов клубот активно бара купувачи. Доброто е што има интерес за секој од нив, па дури има и преговори со други клубови.
Танганга е предмет на интерес од Милан. „росонерите“ дури веќе преговараат за негово привлекување. Интерес за 23-годишниот играч има и од Саутемптон и Борнмаут, но италијанскиот шампион е чекор пред конкурентите.
Брајан Хил го бараат Реал Сосиедад и Сампдорија, а не е ни чудо што Валенсија се обиде да го врати во своите редови по силниот настап на „Местаља“ на позајмица.