Чичарито Хернандез подготвен да игра гратис за Манчестер Јунајтед
Поранешниот напаѓач на Манчестер Јунајтед, Хавиер Хернандез изјави дека е подготвен да им помогне на „црвените ѓаволи“ и да игра за нив без да биде платен. Новиот менаџер на тимот Ерик Тен Хаг има сериозни проблеми во нападот бидејќи Кристијано Роналдо сака да го напушти клубот. Антони Марсијал, кој е единствениот друг играч на таа позиција, се повреди и го пропушти првиот натпревар од сезоната, поразот на Манчестер Јунајтед од Брајтон со 2-1.
„Доколку Јунајтед ме контактира, ќе се согласам. Ќе играм без пари. Секако дека би“, изјави Чичарито, кој моментално игра за Лос Анџелес Галакси. „Но, морам да го почитувам мојот клуб. Во иднина, ако се случи нешто, ќе се случи, но сега размислувам само за ЛА“, додаде 34-годишниот напаѓач.
Мексиканецот пристигна на „Олд Трафорд“ со големи очекувања. Постигна неколку решавачки голови, но како замена никогаш не се наметна во стартната постава. Неговата кариера почна да опаѓа откако Алекс Фергусон го напушти клубот во 2013 година, а една година подоцна беше позајмен во Реал Мадрид.