Кеирош: Ако не ја бодрат репрезентацијата, подобро да се вратат дома
Првиот натпревар на Иран на Светското првенство во Катар донесе измешани емоции кај играчите и стручниот штаб, пред се поради високиот и болен пораз, но и поради случувањата во земјата кои направија условите за игра да бидат уште потешки.
Во период кога еден дел од граѓаните во Иран се борат против режимот во оваа земја и се трудат жените да имаат исти права како мажите, фудбалерите го изразија својот револт кон случувањата во татковината такашто не ја пееја националната химна, но поддршката која ја испратија до сонародниците кои протестираат не наидоа на поздрав од сите навивачи.
Фудбалерите на Иран беа исвиркувани од сопствените навивачи по поразот од 6:2, а тоа не му се допадна на искусниот Кеирош кој од неодамна е селектор на оваа селекција.
„Ова за мене не беше пораз, ова за мене беше добар тренинг. Знаевме дека нема што да бараме против Англија, ова беше подготовка за следните натпревари. Резултатот не беше важен, важно е што ќе направиме со Велс и САД. За нас е тешко да мислиме само на натпреварот после тоа што се случува во Иран. Тешко е да се концентрираш, но сигурен сум дека ќе се насочиме на фудбал на следните два меча. Дојдовме тука поради фудбал и мора да ја завршиме нашата работа. Не ми е јасно само едно. Не знам зошто навивачите се свртеа против тимот. Не се бодри тимот само кога победуваш, туку и кога не оди добро. Ако се тука да не исвиркуваат, подобро да останеа дома“, порача Карлос Кеирош.