Гвардиола му даде поддршка на Потер по дуелот во ФА Купот

Манчестер Сити го елиминира Челзи од ФА Купот со 4-0 во натпревар во кој лондонскиот клуб дозволи само еден удар кон противничкиот гол.

Гневните навивачи на Челзи го скандираа името на поранешниот менаџер Томас Тухел, разочарани од настапите на тимот под водство на Греам Потер, а во одбрана на Потер дојде менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола.

„Му треба време. Би му рекол на сопственикот на Челзи, Тод Боли дека мора да му даде време на Греам. Знам дека резултатите се важни во големите клубови, но дајте му време на човекот. На сите тренери им треба време. Особено во првата сезона. Имав резултати во Барселона, но јас го имав Лионел Меси и тоа е доволно“, изјави Гвардиола.

Потер го презеде Челзи во септември и во 18 натпревари претрпе шест порази со осум победи. Челзи моментално е на десеттото место во Премиер лигата и заостанува 10 бода зад Манчестер Јунајтед кој го држи местото кое води во Лигата на шампионите.