Конте: Тотенхем сака Кејн да ја заврши кариерата во нашиот клуб

Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте изјави дека клубот сака напаѓачот Хари Кејн да ја заврши кариерата во лондонскиот тим.

„Иднината на Хари? Мислам дека ова е прашање за клубот. Сигурен сум дека раководството сака да го задржи Хари Кејн до крајот на неговата кариера. Затоа што кога имате таков играч, напаѓач од светска класа како него, сакате тој да остане тука до крајот на кариерата. Од друга страна, знаете фудбалот понекогаш е непредвидлив, но јас не сум тој што треба да одлучува за ова прашање. Оваа одлука ќе остане кај клубот и самиот Хари“, изјави Конте за „Скај Спортс“.

Актуелниот договор на Хари Кејн со Тотенхем е до летото 2024 година. 29-годишниот напаѓач сезонава забележа 27 настапи во англиската Премиер лига, постигна 20 гола и имаше две асистенции.