Австралија и Индонезија ќе бидат јунските спаринг партнери на светскиот шампион

Светскиот шампион Аргентина објави дека ќе игра против Австралија пријателски натпревар во Пекинг на 15 јуни. Четири дена подоцна – на 19 јуни „гаучосите“ ќе гостуваат во Џакарта кај Индонезија.

Евентуалното присуство на Лионел Меси најверојатно ќе предизвика вистински хаос за билети кај кинеските и индонезиските навивачи. Тој ќе ја посети Кина за прв пат од 2017 година. Капитенот на Аргентина за првпат таму гостуваше во 2005 година, кога Барселона тренираше во Азија. Во 2010 година, Меси и Барселона го победија Пекинг Гуан со 3-0 во контролен натпревар.

Веста за контролата брзо стана најпопуларна на кинеските социјални медиуми, а барањата за влезници се очекува да бидат над стотина илјади.