Дали виси трансферот на Деклан Рајс?

Се зголемува фрустрацијата во Вест Хем поради доцнењето на комплетирањето на трансферот на Деклан Рајс во Арсенал, тврди утринава Дејли Мејл.

Раководството на Вест Хем се лути бидејќи двата клуба договорија рекордна зделка од 105 милиони фунти што ќе го направи играчот од средниот ред на „чеканите“ најскапиот англиски фудбалер во историјата. Тој веќе ги помина лекарските прегледи, но неговото официјално претставување во дресот на Арсенал доцни, бидејќи адвокатите на тимот на Арсенал се уште ја разгледуваат документацијата и не дале зелено светло за комплетирање на трансферот. Ова секако ги одложува и плановите на Вест Хем да се засили и да искористи значителна сума на пари на пазарот.

Раководството на „чеканите“ идентификуваа неколку играчи како замени во нивниот среден ред, но сакаат да се засилат и во други делови од екипата. Денис Закарија од Јувентус, Џејмс Вард-Проуз од Саутемптон и Скот Мектоминај од Манчестер Јунајтед се споменувани за средниот ред. Арсенал, пак, веќе го ангажираше Каи Хаверц од Челзи, но сега се чека финализирање на трансферот за Рајс и Јуриен Тимбер од Ајакс, со надеж дека тоа ќе биде направено до недела, кога избраниците на Микел Артета ќе заминат на турнеја во САД.