Рома го кани Алваро Мората на „Олимпико“

Тешката повреда на лигаментите на коленото сигурно ќе го оддалечи Тами Абрахам надвор од терените во наредните девет месеци, поради што Рома е принудена дефинитивно да бара решенија во нападот.

Голема желба е Џанлука Скамака од Вест Хем, со кого наводно има начелен договор, но Волчицата сака летово да го освежи нападот со двајца центарфори. Ова се должи на мизерниот настап на Андреа Белоти кој не постигна гол во Серија А минатата сезона, завршувајќи со само четири гола во другите натпреварувања. Едноставно, Жозе Мурињо сака напаѓачи кои можат да ја затресат мрежата, Белоти не се покажа како вистинскиот избор и затоа Специјалниот се сврте кон Алваро Мората.

Наводно нема проблем да дојде, дури се споменува дека Рома е подготвена да понуди четиригодишен договор вреден 4.500.000 евра по сезона, без разлика што во Атлетико би можел да заработи 6.000.000. Тоа е помала пречка отколку договор со „рохибланкос“, кој се уште се чека.