Хојлунд од Аталанта во Јунајтед за 70 милиони евра
Манчестер Јунајтед одамна се откажа од опцијата Хари Кејн и тргна во сосема друг правец кога е новиот напаѓач во прашање, но оваа тема „ѓаволите“ и дефинитивно ја заокружиле оваа вечер.
Сите угледни медиуми од Англија ја пренесоа ексклузивата на „Би-Би-Си“, извор кој никогаш не објавува вести се додека работата не е целосно завршена. Влијателниот медиум информира дека Јунајтед конечно попуштил во преговорите со Аталанта и ги прифатил условите на клубот од Бергамо, па така Расмус Хојлунд ќе се претвори во трето големо засилување за тимот на Тен Хаг ова лето.
После Мејсон Маунт и Андре Онана, Јунајтед одново реши да пазари во Италија, а за талентираниот Данец ќе издвои фиксни 70 милиони евра, со опција трансферот да достигне и 85 милиони евра.
Вторите 15 милиони евра се варијабилни и ќе се исплатат доколку бидат исполнети одредени бонуси, што автоматски значи дека Манчестер сепак малку успеал да се „исценка“ и да ја намали почетната сума која ја бараше Аталанта.
Италијанскиот калчолигаш ги започна преговорите со барање од 90 милиони евра, а иако водечките луѓе на Јунајтед во прв момент најавија дека нема да понудат повеќе од 60, на крајот очигледно сфатија дека не им преостануваат многу други опции на трансфер пазарот.