Мурињо: Убеден сум дека еден ден ќе работам во Саудиска Арабија

Италијанските медиуми шпекулираат за иднината на Жозе Мурињо и прогнозираат дека може да заработи отказ доколку не победи против Калјари, но во моменти кога клубот го демантираше тоа, самиот Португалец се јави со една интересна изјава за својата иднина.

Тренерот на „волчицата“ има план да ја доработи оваа сезона во Рим и да стави крај на етапата кога ќе му заврши договорот во месец јуни наредната година, по што интересно е да се види дали ќе добие примамлива понуда од Европа, или ќе се вклучи во трендот кој е актуелен веќе една година.

Мурињо откри дека изминатово лето ја одбил најлудата понуда која може да ја добие еден тренер, но и самиот е свесен дека еден ден ќе заврши во Саудиска Арабија, земја во која фудбалот добива страшен подем.

„Ќе одам во Саудиска Арабија во моментот кога ќе имам повеќе слободно време, но убеден сум дека ќе работам таму. Не знам кога точно, но убеден сум дека ќе работам во Саудиска Арабија“, заврши Португалецот.